Запознајте го магичниот Прилеп – дел 2, Градскиот Саат

 

Aleksandar naslovna

Старата прилепска чаршија која се наоѓа во денешниот строг центар на градот, споена со широкиот и неколку пати изменет плоштад, не претставува само место каде може да ги прашате бројните минувачи „Каде има најубава скара?“, туку е место каде што се одвива трговија, место каде што шетаат најмладите и највозрасните. Kога така шетајќи ќе почнете да забележувате „стари“ детали низ дуќаните, значи сте го забележале историскиот момент на чаршијата, како еден потсетник на тоа како се родила магијата на прилепската чаршија.

Но, кога ќе погледнете нагоре, јасно ќе се издигне Градскиот Прилепски Саат како највисока фигура во строгиот центар на градот, како едно јадро на прилепската чаршија, кое може да го забележите од било кое место. Можеби на прилепчани овој објект околу кој се испишувала историјата им е секојдневие, но доколку сте гостин во Прилеп, не пропуштајте да се фотографирате и да гледате нагоре, кон неговата купола, бидејќи тоа е срцето на Прилеп, кое сѐ уште чука.

 

Маркантната градска Саат Кула во Прилеп, која претставува споменик на културата повеќе од 160 години, е центар на животот во градот. Претходно на истото тоа место имало дрвена Саат Кула, која изгорела во 1854 година во големиот пожар кој ја зафатил старата чаршија. Градители на денешната Саат Кула се мајсторите Христо Тасламиче, Петре Лауцо и неговата група, a својата конечна смисла кулата ја добила во 1858 година. Дополнителен интерес пробудува и фактот што Градскиот Саат во Прилеп е една година постар од светски познатиот часовник во Англија, Биг Бен во Лондон.

 

Саат Кулата претставува правилен шестоаголник кој се издигнува на височина до 40 метри, а на врвот завршува со купола висока 10 метри која е потпрена на 6 столба високи по 5 метри, за да достигне целокупна висина од околу 55 метри. Објектот е граден од масивни делкани камени блокови и е една од најголемите и најубавите вакви градби на Балканот. На горниот дел во конусот е поставен механизмот кој тогаш бил донесен од Грац, Австрија. Во нејзиното подножје пак, се наоѓа и градската чешма, која е изградена уште во 1826 година од Саид Ага, а ја обновил Есад Ага во 1836 година, за конечно денешниот лик да го добие во 1896 година.

Како интересен феномен се смета и фактот што камената градба денес има накривување или инклинација од 1 метар и 17 сантиметри, што може да се забележи од било која страна. Затоа некои на шега ја викаат „кривата кула од Прилеп“.

 

 

Градскиот Саат во Прилеп е сведок на градскиот живот, на прилепската тврдоглавост, на маката, но и на престижниот прилепски мајтап кој до денес со неисцрпната смисла за хумор се префрла низ ведрите и насмеани градски лица ширум прилепската чаршија. На стари фотографии може да се забележи дека градскиот живот се одвивал токму на ова место и во неговата близина, место кое во континуитет целата своја магија ја апсорбира во прилепскиот Саат, а потоа тој ја возвраќа назад кон чаршијата, кон градот, кон жителите и посетителите и нѐ потсетува на нашите предци, нивната култура и нивниот духовен придонес и прогрес.

Сѐ тече и сѐ се менува, само Прилепскиот Саат како симбол останува да ја негува магијата на градот, на градската смеа, на историjaта. Низ годините, централното градско подрачје неколку пати го менувало својот лик, но саатот останува како градски џин кој го одбројува времето од минатото кон сегашноста. Неслучајно, на самата камена градба стои натпис: „Чукањето на саатот не е секогаш означување на времето. За животот и времето што минува, саатот жали и вика: АХ !

 

Натпис на Саатот

 

Доколку имате можност да се најдете на некој повисок балкон во центарот на Прилеп, можете да го споите врвот на Градскиот Саат со врвот на Марковите Кули и таа глетка засекогаш ќе ви остане врежана како синоним за Прилеп. Под таа хоризонтала се наоѓа целата духовна и културна магија на градот.

Градскиот саат во Прилеп кој претставува доминантен објект во градот, и преку ден и преку ноќ, потпомогнат од Марковите Кули, без договор се има наметнато како носител на историската, културната и духовната вредност на централното подрачје и затоа прилепчани неформално се договориле емотивно да го негуваат и околу него спонтано да кружат, без никој да се осмели да ја оспори неговата монументалност.

 

Кога патот Ве носи во Прилеп, макар и на кратко, немојте да доаѓате сити, туку по патот останете гладни и дозволете прилепската скара да ја задоволи вашата ситост и префинет вкус. Најдете место каде што ќе можете да јадете вкусна скара и да уживате во магијата на градот, која како да осцилира околу Градскиот Саат, ја апсорбира, Ве привлекува и Ви ја возвраќа назад. Дозволете тој да посведочи за вашето присуство во Прилеп. Откако ќе се најдете под Марковите Кули и магично привлечени ќе ја почувствувате неодминливата таинствена енергија на Градскиот Саат, уште еднаш ќе увидите дека Прилеп, епитетот „Град Херој“ не го заслужува само како почесен град во  одликуван со „Орден Народен Херој“, туку и поради целиот свој историски, културен и духовен контекст, кој како таинствена магија се пренесува низ прилепските сокачиња во старата чаршија.

 

 

Околу Саатот се разлевале, се разлеваат и ќе продолжат да се разлеваат чаршиските разговори кои го креираат градскиот живот, од најстарите наши баби и дедовци, па до најмладите генерации, кои ги раскажуваат и слушаат приказните и преданијата за изградбата на Градскиот Саат, за неговото чукање, за варта која е истурена во темелите, за искршените јајца во малтерот на саатот.

 

Се надеваме дека успеавме да ви ја пренесеме магијата на Градскиот Саат која живеела, живее и ќе продолжи да живее како културно наследство, пренесувајќи се од колено на колено, наследувајќи се како генерациска гордост и историска придобивка на градот.

 

Доколку сакате да дознаете повеќе, колегата Александар можете да го најдете токму во Прилеп, во нашата Тиго Филијала лоцирана на Кеј 1 Мај 33 А – (Нова катна гаража, до пазарот, од страната на реката).

 

И не заборавајте – за Вашите финансиски желби не треба магија. Тука е Тиго.

Related articles

Назад