Запознајте го магичниот Прилеп – дел 1, Маркови Кули

 

Овој опис на градот можеби е и најсоодветниот опис, бидејќи од каде и да влегувате во Прилеп и каде и да се наоѓате во Прилеп, единствено нешто што ќе го забележите се Марковите Кули. Таа историска височина се надвиснува над градот како ангел чувар, тврдините се тука како причина зошто Прилеп постои, тоа е место кое не смеете да го пропуштите доколку имате барем неколку часа плус за престој во овој град кој се наоѓа во средината на нашата земја. Двата најблиски градови до Прилеп се Градот на Конзулите, Битола и историското Крушево, што дава посебен акцент на целиот овој регион значаен за нашата историја.

Населбата Варош е првата населба веднаш под Марковите Кули, која е природно слеана со нив. Таа всушност е најстарата населба, па до неа е прилепен останатиот, поновиот дел од градот, па од тука доаѓа и името Прилеп. Така велат преданијата од нашите баби и дедовци. Денес населбата се наоѓа северозападно од центарот на Прилеп, на периферијата на градот, во подножјето на Марковите Кули, на надморска височина од 680-700 метри.  Всушност, името Варош оваа населба го добила во XIV век, а во некои документи се споменува и како Марковград. Но, археологијата приложува остатоци за овој предел од многу порано и укажува на постоење на рано-античка населба – Керамија. Во римскиот период, оваа мала селска населба се проширила во југозападното подрачје, за што сведочат пронајдените мермерни украси од една ранохристијанска базилика. Сложената основа на влезниот портал говори за повеќе доградувања и реконструкции на просторот. Според некои историски наоди, оваа тврдина, до втората половина на XIII век, па и подоцна, ја бранеле само 40 војници. Населбата била сместена јужно од акрополата, распространета на околу 3,6 хектари. На нејзиниот северен ѕид стои двојна порта, како и голема стражарска куќа, поставена помеѓу влезовите. На јужниот ѕид стојат добро сочувани три кули. Најдолниот појас на обѕидието се состои од низа куси ѕидови, влечени во искршена линија. Во западниот дел се наоѓаат гробови всечени во карпа. Во XIV век, овој дел служел како привремено прибежиште на околните жители.

Во одреден извори може да се сретне дека овој предел во моментов изобилува со вкупно 29 археолошки наоѓалишта и тоа од железно и бронзено време, па се до доцниот среден век. Всушност, Марковите кули во себе кријат многу повеќе историја, многу повеќе од една средновековна храброст, овој предел во себе содржи ископини, кои се доказ на цивилизациско присуство уште од античко време.

 

На 10 април 2006 година, пределот е прогласено за Споменик на природата.

Кога ќе излезете од Варош и ќе се упатите кон тврдините, најпрво ќе наидете на карпата кој е природен раритет за тој предел, карпата која е позната како „Слонот“ поради нејзината форма, а веднаш до неа се наоѓа и амфитеатар. Всушност целиот предел е едно уметничко дело од невообичаени форми на помали и поголеми карпи какви што може да ни создаде само природата.

Следејќи го патот, се оддалечувате од Варош и почнувате да се чувствувате како дел од историјата, до вас ги гледате тврдините, а малку подалеку од вас ја имате панорамската глетка над Прилеп. Додека се наоѓате помеѓу тврдините, специфичниот и несекојдневен карпест релјеф и панорамската глетка, всушност, станувате свесни дека сте на магичното тромеѓе, помеѓу историјата, исклучително креативната природа и модерното време. Доколку имате храброст и сте спремни малку да го „жртвувате“ вашиот автомобил во ноќта, тогаш на овој предел би можеле да се најдете на уште едно магично тромеѓе, помеѓу отвореното ѕвездено небо, темната карпеста дивина и осветлениот Прилеп.

Одејќи погоре, разгледувате и одите кон врвот познат помеѓу прилепчани како „Тапанче“ поминувате низ нецелосните ѕидини за кои едноставно не можете да бидете сигурни од кој период датираат, доколку не сте археолог упатен во пределот. Многуте археолошки остатоци нѐ воведуваат во своевидниот хронолошки хаос кој создава чувство дека сепак газиме на важно историско место.  Внимавајте, може да измешате впечатоци околу тоа кои камења се од природата, а кои од ѕидините, слеани се како една извонредна целина.

На самиот врв, ја достигнувате посебноста и возвишеноста на Марковите кули. Таму ја чувствувате важноста на постоењето на она што прилепчани си го нарекуваат „Маркукуле“. Од таму можете да ја анализирате местоположбата на градот, но и на регионот. Го имате Прилеп на дланка, Трескавец, Плетвар, а на другата страна во далечината пределите кон Крушево, но и пределите кон Македонски Брод и Кичево и почетокот на важната Пелагонија во далечината. Патот до врвот не е долг и тежок, не е планински, туку е одлично обележан и ридски. Напорот кој би го вложиле за пешачење е премал и занемарлив во споредба со искуството кое го добивате на самиот врв. Кога се наоѓате таму горе, сакате да се симнувате кон градот што е можно побавно, за да ја задржите магијата што е можно подолго.

Најубавите работи многу често се бесплатни. Прилеп ова магија ја нуди бесплатно. Кога некаде ќе сретнете дека Прилеп го нарекуваат „Град  Херој“ ќе знаете дека тој епитет го нема заслужено само од поновата историја, туку своите цивилизациски вредности овој предел ги носи од подалечната историја, се разбира, потпомогнат од извонредниот сплет на природата.

Се надеваме дека уживавте во читањето на патописот на нашиот колега Гоце Ангелески. Доколку сакате да дознаете повеќе – Гоце можете да го најдете токму во Прилеп, во нашата Тиго Филијала лоцирана на Кеј 1 Мај 33 А – (Нова катна гаража, до пазарот, од страната на реката).

 

До следната магија на Прилеп, не заборавајте – за Вашите финансиски желби не треба магија. Тука е Тиго.

Related articles

Назад