Запознајте го магичниот Охрид, дел 2 - Музеј на вода „Залив на коските“

magic_city_Ohrid_1200x600

Возејќи од селото Пештани кон Трпејца, на точно 14 километри оддалеченост од Охрид, веднаш после авто кампот Градиште, од вашата десна страна, ќе здогледате еден прекрасен локалитет и доколку прв пат се наоѓате во негова близина, можеби и ќе се запрашате дали сте се вратиле неколку илјади години во времето. Тоа е прекрасниот музеј на вода - Залив на коските. Тоа е местото кое веднаш ќе Ви го предизвика чувството дека магично сте отпатувале во минатото. Можеби и не е толку нестварно, бидејќи фактите говорат дека во далечното минато тука живееле праисториски луѓе со свој посебен начин на живот.

 

Znak zalivot na kosskite

Според изворите од НУ Завод за Заштита на Спомениците на културата и музеј – Охрид, подводните археолошки истражувања на локалитетот "Плоча Миќов Град" во Заливот на Коските, во водите на Охридското Езеро, покрај Јужното крајбрежје на полуостровот Градиште, близу рибарската и туристичка населба Пештани, се реализирани во кампањи секоја година од 1997-та до 2005-та година, а во 2007-2008 година изведена е и реконструкција на дел од населбата со што се презентира атрактивен археолошки локалитет на атрактивен простор од езерото.

Со овие истражувачки активности за првпат во нашата држава се официјализира подводната археологија како гранка на археологијата која се занимава со остатоци, заштита и презентација на подводното културно наследство, кое поради разни околности во минатото и денес останало под водните површини на нашите езера. Од досегашните сознанија, особено Охридското Езеро изобилува со остатоци од праисториски наколни населби, објекти од антиката и средновековието кои биле потопени во водите, главно поради осцилациите на неговото ниво, како и движни артефакти кои низ минатото се нашле на дното од езерото, најмногу поради риболовни активности или во време на обавување на езерскиот сообраќај низ минатите векови.

Kukjarki 2

На локалитетот „Плоча Миќов Град“ откриена е праисториска палафитна (наколна) населба со временска припадност на доцното бронзено и раното железно време, а во текот на досегашните истражувања биле евидентирани 6000 остатоци од дрвени колци во водите на дното од езерото, на длабочина од 3 до 5 метри кои потпирале најверојатно заедничка дрвена платформа на која функционирале дваесеттина праисториски станбени објекти, изградени исто така, од дрво.

Со досегашните археолошки подводни активности констатиран е габаритот на населбата, поставена е подводна археолошка квадратна мрежа и реализирани се ископувања на неколку истражувачки полиња. Притоа се собрани многубројни бронзенодопски и железновременски артефакти, главно фрагментирани и цели керамички садови, камени и кремени предмети, со мноштво фрагменти од животински коски, меѓу кои има и такви кои служеле како орудија.

Maja 1

Локалитетот „Плоча Миќов Град“ во Заливот на Коските, денес е атрактивен музејски комплекс кој има повеќе содржини: реконструирана палафитна населба над водите од езерото, римски каструм кој е конзервиран, реставриран и презентиран на највисокото плато од ридот "Градиште", пристапен објект со музејски витрини и објект за реализација на подводен туризам.

 

Посликовито и помагично е кога ќе замислите дека наколните населби биле помали населени места правени на платформи, кои стоеле на дрвени колци забодени на дното на езерото. На тие наколни платформи се наоѓале куќите, кои со подвижен мост биле споени со брегот. Жителите на овие населби се занимавале најмногу со риболов, но и со земјоделство и лов. На ова укажуваат разните садови и предмети од керамика и камен пронајдени и на суво и под вода.

Најблискиот колец од вкупно 6.000 откриени е на 12 метри во езерото, со што се претпоставува дека е тоа колец од мостот што ја спојувал населбата. Се претпоставува дека се простирала на платформа од околу 8.500 м2, а на неа имало можеби и 60-ина живеалишта.

kukjarki 1

Денес, локалитетот „Плоча Миќов Град“ во Заливот на Коските е атрактивен музејски комплекс кој има повеќе содржини. Комплексот содржи пристапен објект со постојана изложба на откриените артефакти и кафе-бар, база за подводна археологија и развивање на подводен туризам, наколна населба со 24 реконструирани праисториски куќи на дрвена платформа над езерската вода, повеќе реконструирани полуотворени градби во рамките на кастелот (во вид на видиковци за одмор на посетителите) и други содржини кои го збогатуваат вкупниот амбиент на водите и брегот на Охридското Езеро.

Кога ќе знаете дека блиску до вас на наколните надводни живеалишта живееле луѓе, според нивни навики и вредности, имале посебно човечко егзистирање во специфична и за модерниот човек можеби несфатлива средина, со сите особености специфични за праисторискиот период и тоа од времето на неолитот-младото камено доба, енеолитот-бакарното доба, бронзеното и железното време, тоа само по себе е магично. Магично е чувството кога газите низ тие реконструирани живеалиште и сте блиску до нивните остатоци.

 

Дали за момент замисливте како живееле тие наши предци?

Можеби Охридското Езеро во себе крие многу повеќе магија низ неговата бистрина.

 

Се надеваме дека уживавте во читањето на текстот кој го подготви нашата колешка Маја Танческа. Доколку сакате да дознаете повеќе – Maja можете да ја најдете токму во Охрид, во нашата Тиго Филијала лоцирана на бул. Туристичка 75 а - зграда 1 (кај кружниот тек, зграда Печијаре)

 

До следната магија на Охрид, не заборавајте – за Вашите финансиски желби не треба магија. Тука е Тиго.

 

Related articles

Назад