Запознајте ја магичната Струмица – дел 1, Колешински водопад

Кога патот ве води во Струмица и струмичкиот регион, не би требало да го одминете и да не го посетите Колешинскиот водопад во село Колешино. Местото е составен дел од општината  Ново Село и  е сместено во подножјето на планината Беласица, кое се наоѓа  на 20 километри од градот Струмица. Колешинскиот водопад е една од најголемите природни убавини кои се значајни за овој регион,  кој е исто така познат и  по колешинскиот бостан и земјоделските производи кои успешно виреат  во овој крај како еден од најпознатите во целата наша земја. 

img2345

Како можеме да стигнеме до ова магично место?

Откако ќе влезете во  село Колешино и го поминете  центарот на селото, движејќи се по планински пат од околу 1 километар, се стигнува до една интересна планинска патека  обвиткана од околната шума испреплетена со мал поток. Патеката оди паралелно со потокот и веднаш потоа се пресекуваат со мал дрвен мост.  Ако застанете кај малиот мост и погледнете во кристално чистата планинска вода и шумата во која се наоѓате, како посетител ќе се почувствувате дека се губите во уметноста на природата и ќе заборавите на вашата  дестинација. Пристапот до водопадот  е целосно обележан и ограден со патека, a додека  шетате,  најголем придружник ќе ви биде  свежиот планински воздух, кој ќе ве освежи и опушти. На крајот од таа патека ќе ја слушнете бучната свежина на водопадот. Тоа е магичниот звук на кристално чистата  и студена вода  од Колешинскиот водопад,  која никого не остава рамнодушен. Во овој дел од убавините  на планината Беласица, која  е препознатлива по таквите места  и има посебна убавина, секогаш  имате отворена покана повторно и повторно да ги посетите нејзините  природни убавини  и да уживате во магијата која може да ја приреди природата.

Slave 3

Водопадот  е на надморска висина од 610  метри, и  е висок 19  метри и со широчина на пад од 6 метри , што го прави еден од најголемите во нашата земја. Над Колешинскиот водопад, на оддалеченост од околу 100 метри, се наоѓаат уште неколку помали водопади распоредени во низа, високи од 2 до 4 метри. Создаден меѓу гранитни камења, сместен  меѓу јаворова шума   и камени гребени, водата ја спушта надолу со целата нејзина чистота и убавина и претставува најавтентичен украс за селото.

Како посетител на ова прекрасно  планинско место,  за потполно уживање ќе  ви помогне   мостот кој е  поставен за директно гледање на водопадот или пак некоја од дрвените  клупи   под  големите сенки од густите дрвја . Ако имате авантуристички дух, тогаш  за вас  од левата страна има и дрвени скали кои водат до дополнителна патека, која завршува на ридот  и каде што може поблиску да застанете покрај реката. Местото е прекрасно за сите категории на посетители, бидејќи на располагање има и неколку планински летниковци за излет во недопрената  природа, и истите се преполни за време на  викендите, посебно во летниот период .

Континуирано се инвестира во ова место и се збогатува со дополнителни пешачки патеки и пристапни патишта  за сите  посетители, кои доаѓаат од земјата  и од странство, кои пак, доаѓаат во текот на целата година, бидејќи водопадите и околната природа восхитуваат во сите годишни времиња. Бројот на посетители постојано расте. Во просек дневно го посетуваат  околу 400 домашни и странски туристи, а за време на викендите ова бројка достигнува и до 1000 посетители.

img679

Не е возможно магичната недопрената природа да не ве изнуди на прошетка, а водопадот ви нуди разладување на телото и е храна за душата. Звуците на птиците и останатиот жив свет кој ве опкружува во прекрасниот  планински предел  ја надополнуваат убавината на ова место каде ќе најдете внатрешен мир и спокојство. Посетата на Колешинскиот водопад не е само обична прошетка. Овој прекрасен дел од нашата земја претставува ретка можност да дојдете во допир со природата која ќе ја разбуди секоја клетка во вашето тело, со планинскиот воздух кој ќе ве исполни со необична свежина, ќе ве направи да се чувствувате поживи, поприродни, поенергични и магично ќе ви ги отвори сите сетила во контакт со природата.

img124
Caption

А кога на крајот на денот полека ќе тргнете кон дома, ќе бидете како нови, посвежи луѓе. Бидејќи од  такво место и недопрена природа мора единствено  да бидете  задоволни и да размислувате за повторно враќање во некоја следна викенд авантура во овој регион.

Убавината на Колешинскиот водопад може да ја почуствувате само ако дојдете овде! Затоа направете една незаборавна викенд авантура во струмичкиот регион и посетете го ова место. Магичната природа ви гарантира незаборавна импресија.

Се надеваме дека за момент успеавте да зграпчите од искуството и магијата на Колешинските водопади, магичниот бисер на Струмичкиот регион во патописот кој го подготви нашиот колега Славе Василев. Доколку сакате да дознаете повеќе – Славе можете да го најдете во центарот на Струмица, во нашата Тиго Филијала лоцирана на ул. Ленинова 31.

 

До следната магија на Струмица, не заборавајте – за Вашите финансиски желби не треба магија. Тука е Тиго.

 

Related articles

Назад