Запознајте ја убавината на Гостивар и гостиварско низ очите на колешката Анастасија Јаќимовска

Секој месец посветуваме внимание на убавините некое место, на некој убав предел од нашава земја. Откриваме работи вредни за откривање, неоткриени или подзаборавени приказни кои гордо го претставуваат нашето минато. А со секое ново раскажување на приказната, дознаваме и многу нови различни работи.

Овој пат решивме да прошетаме со нашата колешка Анастасија која  ќе нè води низ градот Гостивар и неговата околина, со намера да дознаеме нешто повеќе и да се обидеме одблизу да ја почувствуваме убавината на ова место, распослано во јужниот дел на Полошката котлина. Опколен со планините Бистра и Шар Планина, Гостивар е уникатен пример како треба да функционира една мултикултурна средина во која живеат скоро сите националности во Македонија.

Важи за место со живописна природа и богато културно и археолошко наследство, во чија околина се наоѓаат археолошки наоѓалишта од каде што потекнуваат голем број ископани фрагменти и целосно сочувани парчиња кои датираат уште од Камената епоха.

Во близината на градот се наоѓа најголемиот национален парк и скијачки центар во Македонија – Маврово, кој е идеален избор за незаборавно доживување во секое годишно време. Љубителите на природата во зима може да уживаат во зимската идила и ски терените, додека пак летно време да се препуштат на прекрасните погледи кон езерото, опкружено со околните пејзажи и планинската тишина. Ски терените се преобразуваат во совршени патеки за планинарење, а Маврово се претвора во планинско игралиште кое нуди за секого по нешто.

Кога зборуваме за Гостивар и неговата околина неизбежно е да се спомне и селото Вруток, кое пак нуди едно поинакво доживување, затоа што токму во селото Вруток се наоѓа изворот на реката Вардар, која поминува низ градот и го дели градот на два дела.

Секој град, секое место си има своја легенда која се раскажува од колено на колено,  па така и Гостивар чија легендата раскажува за потеклото на името.

Легендата датира од времето на Османлиите, кога Гостивар се уште бил само мала населба со многу гостилници која ја посетувале луѓе од различни краишта на Балканот. Од таа причина, Турците меѓу себе почнале да го викаат„ гостивар”,што значи (гости има), па „градот на гости” станал Гостивар.

За време на Османлиската Империја, малото населено место полека почнува да расте со зголемувањето на бројот на доселениците од другите делови на Македонија, па во самата населба  најпрвин била изградена џамија, а подоцна ради престиж биле изградени и училиште, бања, карван-сарај и повеќе дуќани.

Во самиот центар на градот, веднаш до џамијата се наоѓа еден од најпознатите културно историски споменици- Саат кулата. Специфичноста на Саат кулата, произлегува од нејзината специфична градба, која преку неколку часовници вградени во неа, се уште функционира и покажува точно време. Над влезната врата се наоѓа голема камена плоча на која е испишано името и годината на градителот на кулата. Саат кулата во Гостивар, заедно со саат кулите во Скопје, Битола и Прилеп  воедно е и една од најсочуваните саат кули во Македонија.

Не помалку важен дел од културното наследство на Македонија, но пред се на Гостивар е и „Куќата на Болетини” или познатата „Бегова куќа”, кој се уште опстојува во градот како сведок на едно друго време. Со својата  карактеристична градба која важела само за богатите луѓе во тоа време и која претставува комплекс од две куќи од кои денес може да се види само машкиот дел од комплексот, се уште важи за битен културно историски споменик во градот кој привлекува многу луѓе кои сакаат да дознаат нешто повеќе за историјата на градот Гостивар.

 

Други  културно историски споменици, кои несомнено мора да бидат дел од вашата обиколка во Гостивар и гостиварско се Црквата „Св. Богородица” која се наоѓа на самиот плоштад, но и „Манастирот Св..Преображение” кој се наоѓа во месноста Црн врв.

Центарот на сите културни збиднувања во Гостивар е „Домот на културата АСНОМ”, во чии рамки се одржуваат најзначајните културни настани во Гостивар кои се изведуваат на три јазици: македонски, албански и турски. Тука се и изведбите на културно уметничкото друштво „Браќа Гиноски”  кое функционира преку повеќе секции како на пример: секцијата за староградски песни, секцијата за фолклор (игроорна секција), секцијата за модерни танци...

Секако, доколку сте еден од љубителите на добра книга, Анастасија препорачува да ја посетите библиотеката „Вук Караџиќ“, која располага со над 80.000 книги и е една од ретките библиотеки во Македонија  кои имаат посебно детско катче.

Се надеваме дека успеавме да ви доближиме барем дел од убавините на Гостивар и неговата околина, да ве заинтригираме  да дојдете и самите да се уверите и да ги посетите споменатите места. А доколку сакате да дознаете повеќе – Анастасија Јаќимовска можете да ја најдете во нашата Тиго филијала во Гостивар.

И не заборавајте, за Вашите финансиски желби тука е Tigo.mk!

 

Related articles

Назад