Со колешката Есмије низ магичното Тетово – Шарена џамија и Арабати Баба теќе

So Esmije Blog (1)

Културни остатоци од присуството на Отоманската Империја се забележуваат насекаде низ градот Тетово, а како едни од најубавите и највпечатливи знаменитости од тоа време се Шарената џамија и Арабати Баба теќе.

Ако патот, работата или желбата ве водат во Тетово, невозможно е да не ви паднат во око убавите и живописни бои на Шарената џамија, бои кои едноставно маѓепсуваат и го одземаат здивот.

Токму во стариот дел од градот, на десниот брег на реката Пена, се наоѓа Шарената џамија, верски објект изграден уште во 1495 година, кој претставува најпрепознатлив белег на Тетово, но и една од најубавите градби на цела територија на Македонија воопшто. Позната е уште и како Пашина џамија, по Абдурахман-паша, турски феудален владетел во Тетовскиот пашалак, кој вложил средства за нејзина изградба и проширување.

Sharena_dzamija_1

Овој религиозен објект, кој е уникатен по својата убавина, се одликува со квадратна градба во која се комбинираат барокниот и неокласичниот османлиски градежен стил. Творци на ова историско ремек-дело се искусни мајстори од Дебар, кои употребиле 22.000 илјади јајца за нејзино украсување и бојадисување. На источната, северната и јужната фасада од Шарената џамија, во четири реда во фреско техника насликани се правоаголни полиња чии бои и стил и ја даваат уникатноста и препознатливоста на оваа џамија. Дополнително, редок и можеби единствен пример на територијата на Југоисточна Европа претставува и ликовниот приказот на светилиштето Мека во Шарената џамија.

Sharena_dzamija_2
Caption

Прекрасната декорација на внатрешните ѕидови, живописните орнаменти и фасадите на Шарената џамија ги содржат одликите на турската традиционална декорација, па така, кога ќе ја посетите, останувате воодушевени од архитектонскиот раскош на некогашната Отоманска Империја.

Ако изразите желба да поминете повеќе време во Тетово, наредна дестинација која треба да ја посетите и која не само што ќе ве воодушеви, туку и ќе ве врати векови наназад е Арабати Баба Теќе, локација која секоја година ја посетуваат илјадници посетители од различни земји.

Tetvoski_teke_1
Caption

Арабати Баба или Срсем Али Баба Теќе претставува дервишко теќе кое се наоѓа на излезот на Тетово кон Гостивар, во подножјето на Шара. Теќето е основано од страна на Серсем Али, везир на султанот Сулејман Величествениот, кој решен да се посвети на духовниот живот го напуштил Цариград со цел да изгради бектешко теќе некаде на територијата на Отоманското царството. Па така, дошол во Тетово, каде ги поставил темелите на теќето, кое по 10 години градба, го завршил неговиот наследник Арабати баба, по кого теќето и го добило името, иако во многу документи овој објект се среќава и како Серсем теќе по неговиот ктитор. Во турбето кое било изградено во теќето се наоѓа и гробот на Серсем баба. Подоцна, во втората половина на 18 век, тогашните тетовски владетели Реџеп паша и неговиот син Абдураман паша, преку давање на многу имот средства го проширириле теќето и го добило денешниот изглед.

Во Теќето околу 120 години живееле бектеши, исламски суфиски ред кој потекнува уште од 13 век, која важи за една од најзначајните меѓу повеќето од дванаесетте познати дервишки секти. Дервишите, меѓу другото, биле прочуени и познати како благородни, мирни и гостољубиви луѓе.

Во комплексот на Тетовското теќе, покрај неколкуте објекти кои пленат со својата уникатна убавина, се наоѓа и широк простран зелен пејзаж со трева и разни цвеќиња, правејќи го неговиот ориентален стил на градба да биде уште повеличествен, а на посетителот му дава посебен мир и желба да се остане што е можно подолго.

Tetovsko_teke_2

Покрај Арабати Баба Теќе и Шарената џамија, Тетово има и многу други убави места за посетување, до наредно видување и читање се надевам дека ќе имаме посети од нашите клиенти и љубители на убавите места.

Се надеваме дека за момент уживавте во магијата на Тетово и во патописот кој го подготви нашата колешка Есмије Бислими. Доколку сакате да дознаете повеќе за убавините на Тетово – Есмије можете да ја најдете во центарот на Тетово, во нашата Тиго Филијала лоцирана на ул. 120 бр. 2 во близина на Градскиот пазар спроти Пензионерски дом.

До следното откривање на нова магија од некој од нашите градови, не заборавајте дека за вашите финансиски потреби тука е Тиго.

Related articles

Назад