Запознајте ја убавината на Крива Паланка и кривопаланечко низ очите на колешката Ирена Јовановска

plostad 1 r
Caption

Колешката Ирена од Крива Паланка нè води низ градот и неговата околина, за да дознаеме нешто повеќе и да се обидеме одблизу да ја почувствуваме убавината на ова место сместено во Североисточниот дел на Македонија. Сместена под падините на Осоговските планини, пространа на двата брега на Крива Река, се наоѓа Крива Паланка. Името на градот потекнува oд долината на Крива Река, а поранешното име на градот било Егри Дере, што на турски јазик значи „крива река“ за подоцна зборот „Паланка“ да го замени турскиот збор „дере“.

Уште од 1661-1662 година, турскиот патописец Елебија Челебија, пишува во своите забелешки за Крива Паланка, додека првите записи за основањето на градот датираат од турските документи од  1633 година. Тој документ, поточно плоча, се чувала на влезот на тогашната тврдина и била испишана со арапска азбука, a денес се чува во Музејот на Македонија. Добрата местоположба на оваа мала населба ѝ овозможила да прерасне во поголемо населено место во 19-от век и токму во ова време се оформува градскиот слој на богати трговци и занаетчии коишто тргуваат надвор од Отоманското Царство и со себе во градот ги носат новите текови и новите идеи на XIX век. Крива Паланка за прв пат добива статус на општина по 1918 г.

Крива Паланка има умерено-континентална клима, а поради појасот над 1700 метри надморска височина, врвовите Руен и Царев Врв се под снежна покривка од октомври до почетокот на јуни. Понекогаш снежната покривка на Руен се задржува и во јули.

plostad r
Caption

Благодарение на големата надморска височина, Осоговијата е богата со извори, потоци, бројни плитки реки и мали сливови. Најпознати се Крива Река и Дурачка Река. Крива Река извира во подножјето на Царев Врв, од силен извор на надморска височина од околу 1.800 метри, а во центарот на градот ја прима својата најголема притока, Дурачка Река. Големите висински разлики всушност и ја даваат богатата природа на Осоговијата. Ниско-планинските пасишта или тревниот појас како и распространета дабова и букова шума се вистински извор на енергија и релаксација за љубителите на природата.

Кога ќе влезете во градот ќе бидете воодушевени од љубезноста на кривопаланчани кои со задоволство ќе ве прошетаат низ градот, ќе ви го препорачаат најдоброто место за одмор и секако, неминовно е да ве упатат кон манастирот Св. Јоаким Осоговски кој е стар 1003 години. Велат дека кога си во Крива Паланка доколку не го посетиш манастирот Св. Јоаким Осоговски исто како да не си бил во Крива Паланка. Сместен на околу 3км североисточно од градот во прегратките на дабовите шума на Осоговските планини, посветен на чудотворецот Св. Јоаким Осоговски, несомнено се вбројува за еден од најживописните манастири во регионот и пошироко. Освен што има функција на црковен, духовен, просветен и културен центар, воедно претставува и попатна оаза за многумина кои сакаат да допрат до својот внатрешен мир, да се ослободат од стресното секојдневие и да се тргнат од секојдневната рутина. Секоја година на 28 август, во манастирот се одржува традиционалната прослава на верскиот празник Света Богородица која има огромна посетеност на луѓе од градот, но исто така доаѓаат луѓе од други градови од државата и од соседните држави.

irena r1
Caption

Доколку сте љубител на фолклорот и сакате да прошетате низ историјата на различни народи, токму во овој период 28 и 29 август се одржува Фолклорниот фестивал Св. Јоаким Осоговски, кој има меѓународен карактер и на кој земаат учество фолклорни друштва од Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Романија и други земји.

А ако се најдете во Крива Паланка во периодот август-септември, може да бидете дел од културните настани кои се одржуваат во овој период: Ликовната колонија „Свети Јоаким Осоговски“ и „ Летната школа за архитектура”,  да бидете сведок додека уметниците творат, или пак да ги посетите изложбите.

manastir r1

Кога веќе сте во манастирот, можете да продолжите по патот кој ве води над манастирот и ќе стигнете кон месноста Калин Камен. Тука се наоѓа еден од најубавите врвови на Осоговските Планини, локалитетот Калин Камен со надморска височина од 1870 метри каде ќе наидете на прекрасни локации за излети, уживање во неодоливите пејзажи на раскошната природа, мал спортски терен, како и пријатни места за одмор и рекреација. Природните езерца на надморска височина од околу 1500 метри го одземаат здивот со својата безвременска убавина.

ezerce r1
Caption

Ќе ги видите и прекрасните пространи ливади, буковата шума и големата карпа која месното население ја нарекува Калин Камен. Легендата, стара неколку векови, вели дека во кривопаланечкиот регион во време на Отоманската империја живеела, најубава од сите девојки - Калина. Турскиот ага сакал да ја земе за жена, но таа не сакајќи да се потурчи, избегала од сарајот и се упатила кон каменот под Царев Врв. Патот го поминала пешачејќи 4 часа. Истата ноќ, Калина се фрлила од карпата, па токму во нејзина чест, народот ја нарекува карпата Калин Камен. Друга атракција која што од година во година привлекува сè поголем број на посетители на местото е познатото „Рели Калин Камен „ каде што се одржуваат рели трки за возила со погон на четири тркала и  минува низ најживописните предели на Осоговието.

ezerce 1 r
Caption

Покрај  „Релито Калин Камен„ во Крива Паланка се одржуваат уште неколку спортски настани со меѓународен карактер како што се:

  • Тромеѓа– традиционална средба на тромеѓата на граничната линија помеѓу планинарските друштва од трите општини Крива Паланка -Македонија, Босилеград-Србија и Ќустендил-Бугарија, која што се одржува во јули.
  • РУЕН – Традиционално искачување на највисокиот врв на Осоговските Планини, Руен(2252 м). сместен на граничната линија помеѓу Македонија и Бугарија.

Крива Паланка има одлична понуда за трагачите по неодолива природа, настани и незаборавни искуства. Потребна е само желба и малку слободно време за да уживате во она што градот под Осоговието го нуди за жителите и посетителите. 

Се надеваме дека уживавте во магичните места кои ги истражуваше и опишуваше колешката Ирена. Доколку сакате да дознаете повеќе – Ирена Јовановска можете да ја најдете во центарот на Крива Паланка, во нашата Тиго филијала, лоцирана веднаш до Полициската станица.

И не заборавајте, за Вашите финансиски желби тука е Tigo.mk!

Related articles

Назад