Запознајте ја убавината на Koчани и кочанско низ очите на колешката Сашка Костова Зафирова

Во источниот дел на Македонија, под падините на Осоговските планини, распространета од двете страни по течението на Кочанска река се наоѓа плодната Кочанска котлина. Во неа се наоѓа градот Кочани, или народски познат како градот на оризот. Нашата колешка Сашка ни раскажа за убавините и традицијата во овој дел од нашата земјата.

Познато е дека во Кочани, помалку или повеќе се е поврзано со оризот, па дури и легендата за потеклото на името на градот која почнува вака: Многу многу одамна, еден човек по име Кочо решил да оди на печалба во Кина. Долги години живеел и работел во Кина, ама му недостасувало семејството и родниот крај, па решил да се врати назад во родниот крај. Основниот продукт во исхраната на луѓето во Кина бил оризот, па при заминување Кочо со себе понел мала количина од белото злато, со надеж дека оваа земјоделска култура ќе успее и во неговиот крај. Одел и без проблем влегувал од едно во друго царство, но кога требало да  влезе во царството во кое се наоѓало неговото родно место се појавил проблем: му било забрането да го внесе оризот. Сепак, Кочо бил одлучен и немал намера да се откаже од идејата да го внесе оризот. Размислувал и му текнало дека гуските како трговска стока не биле забранети за внесување во царството. Им го дал оризот на гуските да го изедат, па откако влегол во родниот крај, ги убил гуските и го извадил оризот. Кочо успешно ја реализирал својата идеја и почнал со производство на ориз во неговото место. На тој начин дал нов белег и култура на овој крај, па токму и според неговото име, местото каде што започнал да го одгледува оризот – го добило името Кочани.

На надморска височина од 1.560м, на само 20км оддалеченост од градот Кочани, се наоѓа познатиот зимско-туристички центар Пониква.

Овој спортско-рекреативен центар, привлекува многу посетители од земјата и од странство, како во летниот така и во зимскиот период. Уште повеќе  што  покрај тоа што претставува туристичка атракција за љубителите на зимските спортови, Пониква е омилена и за љубителите на ловот поради резерватот на дивеч и можноста за лов на елени, срни, муфлони и диви свињи.

Во непосредна близина на градот се наоѓа и езерото Гратче - мала вештачка акумулација изградена на Кочанската река во 1959 година. Поради извонредно живописната клисура и природната убавина, каде што се наоѓаат и повеќе угостителски објекти, во последно време, Гратче прерасна во популарен локалитет.

Секоја година, во последната седмица на мај, Кочани е домаќин на Драмски Аматерски Фестивал на Македонија - (ДАФ) на кој настапуваат аматерски драмски ансамбли од Македонија.

Едно од позначајните културни случувања во градот е Манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, која претставува спој на традицијата и современиот уметнички израз и на своевиден  начин го прикажува патот на оризот од нива до трпеза. Лајт-мотивот на културните содржини на оваа манифестација е секако кочанското бело злато-оризот. Централен настан на манифестацијата е презентацијата на традиционалната, рачна жетва на ориз на нивите во Кочанско. Духовното и материјалното културно наследство се пренесуваат преку песна, оро,народни обичаи, традиционална кујна, изложување на старовремски предмети и алатки за обработка на ориз.

Друга манифестација која можете да ја посетите додека сте во Кочани и  е поврзана со одбележувањето на празникот на градот Петровден и трае дванаесет дена е културно-уметничката манифестација  „Петровденски конаци“.

За сите љубители на добрата книга, Литературниот клуб „Копнеж“, е носител на две големи културни манифестации: Детскиот поетски фестивал од национален карактер „Мајски цвет“ и „Месец на книгата’’

За Кочани и кочанско може да се раскажат уште многу работи, но тука некаде колешката Сашка Костова-Зафирова ја привршува  својата приказна. Доколку разбудивме желба да дознаете повеќе – Сашка можете да ја најдете доколку се упатите по течението на Кочанска река, кај омиленото шеталиште на Кочанчани во самиот центар на градот, каде што се наоѓа и нашата Тиго филијала.

И не заборавајте, за Вашите финансиски желби и потреби, тука е Tigo.mk!

 

Related articles

Назад