Запознајте ја магичната Струмица – дел 2, Цареви Кули

 

И овој пат сме во Струмица или во т.н ,,ѕвезден град, односно ,,градот под Царевите кули”. Всушност локалитетот „Цареви кули“ е еден од симболите по кои се препознава Струмица и со кој струмичани со векови се гордеат.

Sanja 1

Локалитетот Цареви Кули се наоѓа на доминантен врв на јужната страна на градот, на зарамнето плато на врвот од ридот. Ридот се издига не многу високо, на околу 150-тина метри над градот, што дава дополнителна блискост, а пак од двете страни (западната и источната) е окружен со доловите на поројните рекички Св. Илија и Коритниче.
Ваквиот цивилизациски потенцијал и местоположбата на ридот не останала незабележана уште во најраните периоди на праисторијата, кога за прв пат е организиран животот на овој локалитет. Со археолошките истражувања се констатираа остатоци од повеќеслојна праисториска населба на југоисточната падина од времето на раниот енеолит, крајот на доцната и за време на средната бронзена епоха.

znak 2

Цареви Кули, повторно ќе се користат во V и IV век пр.н.е, кога на врвот на ридот, расположени централно на платото, во карпата се длабат пет јами со големи димензии, кои беа дале огромно количество на движен археолошки материјал од кој најзастапени се фрагментираните керамички садови, а во помала мера накит, оружје, монети и предмети употребувани во секојдневието. За името на градот од тоа време, сѐ уште постои жива академска дискусија, но сепак како најприфатлива теорија е дека се работи за антички Астраион.

Самиот локалитет е дел од убавините на градот и спаѓа во рамките на проектот „Струмица како културно историска туристичка дестинација“.
Секоја година се врши конзервација, реставрација и делумна реконструкција на тврдината Цареви Кули, што овозможува оживување на овој историски објект кој претставува посебен белег и симбол на градот Струмица.

Sanja i tvrdina

Самиот локалитет содржи повеќе делови и го симболизира средновековниот период. Тврдината се наоѓа на југозападната страна на Струмица, на врвот од ридот кој стрмно се издига над градот, што овозможува добра стратешка позиција и одлична прегледност и контрола врз целата струмичка котлина. Доминантно место на акрополата била полиагоналната кула, која претставувала команден центар од кој се раководело со одбраната. На педесетина метри северно од кулата, се наоѓа издлабена во земјата четириаголна просторија – цистерна. За оваа просторија се претпоставува дека била цистерна за вода или складиште за храна; жито, вино итн., неопходна особено за време на опсада на тврдината. Всушност, го карактеризира начинот на кој бил организиран животот во тој средновековен период и претставува една точка која го поврзува постоењето на Струмица или ,,ѕвездениот град,, со богатата културно- историска традиција .
Царевите кули заслужено го пронашле своето место и во легендите, како онаа за љубовта и предавството на убавата Струма. Всушност, љубовта на младите која започнала во славната тврдина. На овој начин, целиот локалитет ја дуплира својата магија со тоа што освен историската и културната вредност, на тежина се придодадени и легендите и преданијата за кои како туристички водичи може да сведочат струмичани.

Sanja 3

Благодарение на европската агенција за реконструкција, локалната самоуправа и НУ Завод и Музеј на град Струмица, во јуни 2007 прв пат се започнува со темелните истражувања на локалитетот , сѐ со цел, да ја открие „длабоката старост“, да ја промовира историската убавина на овој скапоцен културен резерват и до крај да заблеска неговата историска и пред сѐ, цивилизациска магија.
Туристите кои го посетуваат градот Струмица се чести посетители на овој локалитет, бидејќи каде и да застанат, во било кој дел од градот, од секое ќоше ја забележуваат оваа величествена тврдина, која длабоко во себе крие многу приказни и митови, со исполнета фактографија за Струмица од древните времиња, па сѐ до денес. Денес, скриено длабоко во својата потсвест, Струмичани гордо го носат сеќавањето на величествените победи инспирирани и носени од неосвоивите Цареви кули. Секако во своите творби, и струмичани својот град ќе го овековечат како ,,градот под Царевите кули “ или како во позната песна ,,Еден прекрасен мајски ден, под кулите на Струмица…”
Препораката е јасна - посетете ја Струмица и нејзините убавини, бидејќи секој којшто бил еднаш, се вратил повторно и повторно. Секако дека магијата најдобро ќе ви ја долови некој ваш локален пријател.

Strumica

Се надеваме дека нашата колешка Сања Старделова успеа да ви понуди нова дестинација за посета, нова магија за откривање. Доколку сакате да дознаете повеќе – Сања можете да ја најдете во центарот на Струмица, во нашата Тиго Филијала лоцирана на ул. Ленинова 31
До следните магични места на нашите градови, не заборавајте – за Вашите финансиски желби не треба магија. Тука е Тиго.

 

Related articles

Назад